Во месец Мај започнуваат големите матурски прослави кој сите средношколци долго ги очекуваат и веќе почнуваат да се подготвуваат за големата вечер. По тој повод на матурантите им даваме предлог и детално упатство како да си направат корсаж за рака направен од свежи каранфили кој претставува традиционален аксесорис за матурата.
Потребни материјали за корсаж за рака:
- каранфили (бојата секако да одговара на вашиот матурски фустан)
- листови од папрат
- украсна лента за врзување
- ножички
- силиконско лепило
- жица
- волнен материјал
Инструкции:
Одберете три каранфили во боја која ќе одговара на вашиот матурски фустан и која ќе биде во склоп со вашиот целокупен изглед. Со ножичките исечете ги дршките на каранфилот и отприлика видете како сакате да ви изгледа нараквицата – дали да ги поставите цвеќињата во триаголник или да ги подредите едно до друго.
Потоа, од материјалот исечете две парчиња во елипсоидна форма со големина од 5 см.
Исечете парче од жицата и обликувајте го така што ќе можете да го ставите околу вашата рака.
Сега, земете ја украсната лента и започнете да ја виткате околу жицата, привремено ставајќи лепило со силиконскиот пиштол за добро да ја зацврстите лентата за жицата. Потребно е да оставите околу 20 см од двете страни на лентата.
Алката треба да ви изгледа нешто како на сликата подолу.
Сега доаѓа забавниот дел од правењето на овие корсажи за рака. Парчиња од папратот залепете ги врз материјалот.
Потоа ставете од топлиот лепак врз каранфилот и залепете ја на материјалот врз папратот. Постапката повторете ја и за другите два каранфили и подредете ги по ваша желба.
Откако ќе завршите свртете го материјалот со залепените каранфили и папрат на задната страна, ставете топол лепак врз материјалот и залепете ја свитканата жица со украсна лента. Одозгора ставете уште малку од лепилото и ставете го другото парче материјал. Почекајте добро да се исуши.
Вашиот корсаж за рака е готов. Останува уште да го заврзете на раката, да видите како ви стои и сте спремни за вашата матура.